Се работи интензивно во проширување на канализациона мрежа во повеќе гостиварски села

Општина Гостивар преку Јавното претпријатие за комунални дејности “Комуналец“ – Гостивар, ја проширува канализационата мрежа во повеќе села, при што пристап до канализација ќе имаат уште околу 10 отсто од вкупното население во општина Гостивар.

Во село Чајле се работи на канализациона мрежа со вкупна должина од 3022 метри каде што по завршување на работите, сите домаќинства од селото ќе имаат пристап во канализација.

Пред завршување се работите за изградба на канализација во село Горна Бањица во должина од 3199 метри, со што ова село кое досега немаше воопшто канализација, целото ќе биде опфатено со канализациона мрежа.

Од друга страна, продолжуваат работите за изградба на канализација во село Беловиште, а деновиве започна и изградбата на канализација во дел од населба Бањешница во должина од 180 метри.

По завршување на изградбата на канализационата мрежа во село Здуње, во тек е доведувањето во првобитна состојба, односно се асфалтираат оштетените делови од улиците при изведба на градежните работи.

“Ова подразбира дека околу 10 отсто од населението на општина Гостивар, кои досега не биле приклучени на канализациона мрежа, веќе се или наскоро ќе бидат приклучени. Планираме во блиска иднина ќе продолжи проширувањето на канализационата мрежа и во неколку околни села каде нема канализација во одредени делови, како што е случајот во село Равен, како и во неколку градски населби каде што недостасува канализација во неколку улички“, вели Исак Лазами – директор на ЈП Комуналец.

Ова претпријатие актуелно работи и на инсталација на нова водоводна линија во село Чајле во должина од 450 метри.